Современото корпоративно управување во светот е во полн подем до степен што се самото по себе се предефинира себеси неколку пати врз база на потребите на самата компанија, барања на пазарот како и регулаторните органи, кои се повеќе сакаат да ја ограничат и така големата моќ која ја имаат во светот. Системите на управување на бизнисите кои ги имаат развиено се граничат со уметност во ефективното и ефикасно искористување на ресурсите и максимизирање на профитот како единствената крајна линија која ја определува една успешноста на една компанија.

При обидите во користење и пренесување на современите методи на менаџирање на бизнисите во балканските економии, чести се размислувањата кои се најчесто непокрепени со истражувања е дека Балканот се одликува со специфични карактеристики поради кои нивната примена е невозможна во целокупен капацитет. Македонската економија се стреми да биде дел од европскиот пазар на ЕУ, а со тоа и европските стандардни на работење повеќе нема да бидат алтернатива или опција за домашните компании туку нивното исполнување ќе биде облигаторно, бидејќи без нив компании нема да бидат воопшто конкурентни или пак нема да имаат воопшто можност да работат на тие пазари.

Размислувањето на локалните менаџери во однос на професионалното корпоративно управување, но и од консултантите кои се одговорни за нивна имплементација е дека тоа е невозможно или многу тешко во балканските земји. Сепак, дали е тоа последица на непостоење на реална можност за примена на современите методи, или пак психолошка бариера кај менаџерите кои треба да го водат бизнисот?

Врз база на комуникацијата на консултантите од Инсајдер ИД со голем број на Македонски компании, заклучокот е дека бариерата е во најголем процент психолошка и субјективна, прво поради недостаток на амбиција на менаџментот на компаниите да применат некаков современ метод, второ задоволство од моменталната позиција и трето изнаоѓање на причини за сопствениот неуспех во бизнисот преку префрлување на причините за неуспехот на трета страна. Најголемиот фокус на домашните менаџери е кон остварување на краткорочни цели, најчесто исклучиво продажни преку кои најчесто влегуваат во таканаречената “глувчешка трка” во постојано бркање само на краткорочниот резултат – продажба, наместо фокусирање на големата слика и долгиот рок на компанијата.

Доколку се анализираат само приходите на дел од македонски компании кои со сигурност имаат високо развиено корпоративно управување и кои произведуваат и продаваат големи количини на производи за голем број на пазари светски пазари како Витаминка, Макпрогресс, Виталија, Мебел-Ви, КАМ Маркет, ИГМ Трејд, Алкалоид АД може да се заклучи дека примената на светски стандарди за управување не е непознато а уште помалку неприменливо за домашните компании.

Но, за тоа дали постои култура кај локалните македонски вработени (не кај менаџментот) за следење на светски поставените норми и “правила на игра” говори и фактот што компании кои се СДИ во Македонија како Џонсон Мети, Адиент и Леар успеваат да реализираат производство на огромни количини на производи по светски стандарди и да ги пласираат во компании кои што имаат сериозни процедури од аспект на прифаќањето на добавувачи. Всушност, сите странски директни инвестиции кои имаат производствени погони во ТИРЗ работат по светски, а не “локални” стандарди и во најголем дел вработуваат локални менаџери и работници, кое јасно и недвосмислено посочува дека може да се користат светски практики за управување и работење на локалниот Македонски пазар и уште поважно домашните вработени да прифатат и да “играат по правилата”.

Иако не се одлучувачи фактори, сегментите од работењето укажуваат на тоа дека една компанија има минимум база за успешно корпоративно управување се постоење на формална и функционална организациона структура, поделба на работните позиции, изработуваат минимум годишни планови (финансиски, продажни, маркетинг и сл.) и буџети за повеќе сегменти во работењето и употребуваат истражувања за насочување на работењето. Дел од претходно посочените активности во развиениот свет претставуваат стандард, не исклучок, но во домашните компании поради нивниот недостаток се “гледа” на комплексни методи на управување на бизнисот.

ЗАШТО Е ПОТРЕБНО ШТО ПОБРЗО ДА СЕ НАДМИНАТ ПСИХОЛОШКИТЕ БАРИЕРИ ЗА ПРОФЕСИОНАЛНОТО УПРАВУВАЊЕ КАЈ МАКЕДОНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ/МЕНАЏЕРИ?

Според Инсајдер ИД, единствениот начин за домашните компании бидат конкурентни и моќни како на домашниот така и на странски пазари, без очекување на државна поддршка или бенефиции е воспоставување на професионален и систем на управување со самиот бизнис.

Причините се анализирани пасивно, односно преку набљудување на правните субјекти и однесувањето на нивните сопственици/менаџери, бидејќи доколку се анализираат активно преку директно собирање на прашалници, одговорите на ваквиот тип на прашања со сигурност би содржеле различни причини од прикажаните. Како и претходно изнесено, психолошките причини за неуспехот во професионалното управување е најчесто поврзано со субјективни психолошки бариери кај менаџментот на компаниите, односно прво поради недостаток на амбиција на менаџментот на компаниите да применат некаков современ метод, второ задоволство од моменталната позиција и трето изнаоѓање на причини за сопствениот неуспех во бизнисот преку префрлување на причините за неуспехот на трета страна.

Трите наведени причини се премногу психолошки комплексни за појаснување пред се бидејќи се субјективни и нелогични, додека единствениот начин на нивно надминување е кога компаниите ќе се соочат со сериозни проблеми во работењето или пад на продажбата, со што се менува начинот на однесување на менаџерите пред се во барањето на излез од несаканата ситуација, односно во ситуација која нема да има директна контрола сопственикот/менаџерот. Се предвидува дека влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, ќе ги “фати” компаниите неподготвени, а со тоа и потребата на поставување на здрави и професионални основи на бизнисот ќе биде базата за да се пресретнат сериозните барања.

Недостатокот на амбиција на менаџментот и задоволство од моменталната позиција се прва и втора причина за неуспехот на корпоративното управување, кои се сериозно изразени кај македонските менаџери. Едноставно, домашните сопственици се задоволни со обемот на продажба и приход кој го остваруваат, додека се дополнително го комплицира нивниот начин на работа и приватен живот со што се избегнува преземање на активности особено промени во компанијата. За имплементирање на современи методи на управување е потребно доусовршување, дообразование, сериозна работа и промени кои нема да дадат моментални резултати (кои се најпосакувани) и со тоа се избегнати како “непотребни” или премногу работа за резултати што ќе се добијат за неколку години.

Дополнително, доколку моменталниот приход на компанијата, му овозможува на сопственикот или менаџерот доволно средства за комотен приватен живот, голема е веројатноста дека не би преземал никакви промени, пред се од стравот за нарушување на сопствениот комодитет. Претходното добива дополнителна комплексност, кога менаџментот ќе започне да ги поставува компаниските продажни цели, не за пресретнување на барањата на компанијата, туку на персоналните барања за повисок комодитет и трошење на корпоративни средства кои не придонесуваат за напредок на компанијата и на работењето.

Сепак, доколку треба да се дијагностицира од каде потекнува недостатокот на знаење за професионалното управување, тоа е доусовршувањето (формално и неформално образование) на менаџментот во компаниите, кое што на некој начин треба да го “всади” значењето на професионалното управување на бизнисот и кои се бенефитите од таквиот начин на функционирање. Генерално познавањето на менаџерите за основните методи дури и за основни комерцијални пресметки за производите/услугите кои се продаваат од компаниите е на ниско ниво, што ја доловува целосната ситуација на компаниите и односот кон професионалното работење.

Како пример и вовед за третата причина, во истражувањето за е-трговија во 2019 година спроведено од Инсајдер ИД, Таргет Груп и Асоцијација за Е-Трговија на С.Македонија, две од три најголеми бариери со кои се соочуваат компаниите претставува конкуренцијата. Се поставува прашањето дали конкуренцијата е реален проблем, или пак компаниите не знаат да се конкурираат на отворени пазари? Секоја компанија би сакала да работи во пазарни сегменти во кои нема конкуренција, но реалноста е дека тие пазари се екстремно ретки или за “обичните” компании кои претставуваа 99.9% од вкупниот број, такви пазари не постојат. Може да се забележи дека сопствениот неуспех во продажбата се префрлува на трета страна, која можеби има, но најчесто нема толку значајно влијание за да предизвика сериозни проблеми во работењето, се разбира доколку бизнисот е управуван професионално.

Третата причина е повторно анализирана кај повеќе од 100 компании, пред се мали и средни, кои имаат згаснато, во разговори со сопствениците или извршените менаџери. Интересен е податокот дека кај повеќе од 80% од компаниите, причините за неуспех на бизнисот не се гледаат во самите компании односно кај менаџерите, туку кај трети страни врз кои најчесто нема никакво влијание, како политичка ситуација, конкуренција, странски фактори и сл. Сепак анализирано детално, причините во 99% од ситуациите биле интерни и пред се поради несоодветно управување на бизнисот. Како пример, пад на продажбата може да биде предизвикано од конкуренцијата, но поради тоа е воспоставен менаџментот, кој треба да изработи стратегија за надминување на тој проблем и да продолжи со работењето.

Решавањето на сите претходно наведени предизвици е комплексно и пред се побарува многу време, планирање и реализација од сите вклучени во работењето на компанијата, но пред се посветување од страна на менаџментот и сопствениците за постигнување на посакуваните резултати.