Непотребно е да се потенцира дека моментално компаниите дејствуваат и креираат бизнис во време на огромна расположливост на информации. Експоненцијалниот пристап до податоци од секаков вид, ги позиционира компаниите во простор каде се повеќе вложуваат голем дел од времето за нивна обработка и анализа се со цел да се антиципира иднината, креира стратегија или добие конкурентска предност.

Компаниите во еден краток период од постоењето на интернетот, само со успешно користење на секундарните информации од него, добиваа можност да создадат конкурентска предност. Но, моментално, освен тоа што треба да ги користат веќе расположливите од секундарен извор, за да бидат лидери во своето дејствување треба да креираат и ефикасни канали како извор за примарни информации.

Во едно такво сценарио, колку и да звучи нелогично, пристапот до тој огромен фонд на податоци влијае на намалување на ефективноста кај најголемиот дел од компаниите. За да се обработат потребно е екстремно многу време и пари за да се стигне до вистинската информација. Поради тоа исто како и во минатото кога не постоел интернетот или воопшто брзата комуникација, креирање на примарен извор на податоци овозможува добивање на конкурентска предност, моќ и влијание во динамичното општество.

Што означува примарен извор или примарна информација?

Поседување на извор или поседување на информација со која никој друг на пазарот односно општеството не располага. Компанијата или индивидуалецот го има ексклузивното право на нејзино користење како и правото истата да ја сподели или не со остатокот од општеството.

Примарен извор на информации не треба да разбере единствено како производ од информациската технологија. Може да биде индивидуалец, компанија, институција, потрошувачи, агенција за истражување или било каков извор кој може да креира нешто што моментално не постои.

Доколку конкуренцијата започнува со екстремен притисок и влијание врз компанијата,  голема е веројатноста дека истата не се креирал пристап или извор на информации кои дозволуваат антиципирање на иднината и можните идни сценарија. Во тој случај враќањето на водечката позиција, би означило прво анализа на секундарни информации за причините на проблемот, за потоа да се продолжи со креирање на примарни информации кои би овозможиле креирање на конкурентска предност.

За ефективно искористување на расположливите податоци, компанијата треба да има инкорпорирано во нејзината стратегија, дел кој точно го дефинира потребниот обем и вид на информации за креирање на конкуренска предност.

Агенциите за истражување на пазари се типичен пример за институции кои овозможуваат собирање и анализа на податоци, односно креираат нешто што претходно воопшто и не постоело како податок или информација претходно.

Компаниите имаат на располагање неколку различни алтернативи за прибирање и креирање на примарни извори на информации:

  1. Воспоставување на интерен систем за нивно креирање;
  2. Склучување на стратегиски договор со агенција за истражување која ќе овозможи непречен и постојано извор на нови информации;
  3. Воспоставање на мрежа од соработници кои ќе доставуваат примарни информации кои повторно ќе се обработуваат интерно во компанијата
  4. Комбинација од претходните три решенија;

Во зависност од природата на компанијата и нејзиниот бизнис варира и типот на системот кој ќе се воспостави. За мали и средни компании најефикасен е системот со склучување на стратегиски договори со агенции за истражување, додека во големи корпорации најчесто се користи комбинација од сите претходни решенија.

Компаниите во Македонија, најчесто се потпираат само врз секундарните извори на информации односно ги копираат моделите кои се веќе дадени на располагање без креирање на уникатна конкурентска предност која се базира на нешто уникатно.

Доколку компаниите особено македонските имаат желба да креираат долгорочна и одржлива стратегија МОРААТ да го антиципираат пазарот и неговите барања преку користење и спроведување на истражувања.