Објавено од Instore
Од 01.12.2015 до 15.01.2016 компанијата Insider ID изврши истражување на потрошувачките навики за козметички производи на вкупно 500 анкетирани лица од женски пол во Регион Скопје на возраст 18+. Анкетниот прашалник содржи 10 прашања, од кои 4 ќе бидат обработени за потребите на InStore.
Целта на истражувањето е да се утврдат потрошувачките навики на жените во Македонија а со тоа и да се подобри целокупната понуда и асортиман за козметика.
Првото прашање “Каде најчесто ја купувате вашата козметика?” го имаат одговорено вкупно 494 лица, чија што структура на одговори е прикажана во График 1 во продолжение.
График 1: Локација/Објект
Од особена важност е да се потенцира фактот дека резултатите во голема мера се разликуваат со општото мислење дека козметиката најчесто се купува во Супермаркети. Од вкупниот број на одговори Аптеки и Дрогерии се застапени со 34% и 29% пред се поради професионалното и стручно познавање на производите од продажниот кадар, потоа следат супермаркетите со 26%. Останатите објекти/начини на купување на производите, како каталошки, интернет, freeshop и сл. се застапени со приближно 11% во целиот примерок. Најголемата причина поради реткото користење на алтернативните канали е неможноста за директно запознавање и тестирање на производите (козметиката).
Прашањето “Колку средства најчесто издвојувате од вашиот буџет за крема за лице?” го имаат одговорено вкупно 494 анкетирани лица, и го прикажува приближниот буџет кој се двои за купување на креми за нега на лице и тело. Дополнително ќе биде прикажана табела за корелација и распоред со прашањето “Каде најчесто ја купувате вашата козметика?” за да се утврди релацијата помеѓу одвоените средства и локацијата за купување.
График 2: Буџет на потрошувачот
Најголем дел од анкетираните лица издвојуваат помеѓу 301-600 денари и помеѓу 151 и 300 денари, односно 31% и 27%, на трето место е одговорот над 1001 денари со 23%. Опцијата помеѓу 601-1000 денари е застапена со 17%.
Табела 1: Корелација
Каде најчесто ја купувате вашата козметика? | |||||
4. Колку средства најчесто издвојувате од вашиот буџет за крема за лице? | Дрогерија | Супермаркет | Аптека | Каталошки – продажни агенти | Друго |
помалку од 150 ден. | 1 | 6 | 4 | 1 | 0 |
151-300 ден. | 12 | 71 | 41 | 8 | 0 |
301-600 ден. | 52 | 39 | 44 | 11 | 5 |
601 – 1000 ден. | 38 | 9 | 23 | 8 | 4 |
повеќе од 1001 ден. | 42 | 5 | 54 | 2 | 11 |
Според претходната табела во Дрогерија и Аптеки се купува вредносно секаков вид на козметика почнувајќи од 150+ денари. Според одговорите на анкетираните лица се потврдува хипотезата дека од особено значење се вработените (Фармацевти) лица и објекти кои што се стручни за производите кои што ги продаваат. Во каналот Супермаркети најчесто се купуваат производи во вредност помеѓу 151-300 ден. потоа 301-600 ден. одговор кој што е очекуван поради фактот што најголемиот дел од позиционираните производи во тој канал се наоѓаат во посочениот ценовен распон.
Претходната табела е корисна при одлука за канали односно продажни објекти во кои би требало да се позиционираат козметичките производи, доколку е позната ценовната структура на производите.
Последното прашање се однесува на задоволството од моменталната услуга која што ја нудат продажните објекти.
График 3: Задоволство
Може да се заклучи дека потрошувачите не се во целост задоволни од моменталната понуда и услугата со високи 55% делумно и 4% воопшто незадоволни.
Агенцијата Insider ID, е специјализирана за квантитативни истражувања на пазарот и стратегиски маркетинг која работи на пазарите во Р.Македонија и Р.Бугарија. Во своето работење компанијата користи уникатни методи како Сценарио Планирање, Теорија на Игри, Квантитативни Методи на Одлучување, Веројатност и Психолошка Анализа.