Агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД, го спроведе истражувањето “Преферирани ланци на маркети и Најпознати брендови 2022-ва година” во кое се анкетирани повеќе од 1,300 активни потрошувачи на територија на целата државата. Агенцијата 6-та година по ред прогласува ТОП 3 Маркети преферирани ланци на маркети и 3-ра година Најпознати Брендови според потрошувачите во Македонија. Во тековното истражување се додадени и категориите: Најмодерен маркет, Најдобар сооднос цена-квалитет и Маркет со најдобра локациска покриеност. Исто така, додадена и категоријата на најдобар Интернет Маркет.

Претходните приближно 3 години ги обележаа неколку големи настани кои што особено влијаеа на индустријата за широка потрошувачка. Сепак, во 2022-ра година, компаниите се соочуваат со проблем кој што се очекува да ја обележи цела 2023-та кое е предизвикано од наглото зголемување на цените за сите суровини и финални производи. Инфлацијата е “подгреана” од повеќе фактори, за кои што и во случај на нивно моментално решавање, ќе биде потребно време за стабилизација на цените на производите. Во крајна линија, зголемувањето на прехранбените производи директно влијае на буџетите на домаќинствата, кои пак во обид да го амортизираат зголемувањето преку оптимизација на трошењето. Очекувано е дека во 2023-та година и покрај можната стабилизација на цените, да се забележи и голема промена во однесувањето на потрошувачите особено во однос на прехранбените производи.

Подемот на “тврдите дисконти” од првото истражување во 2017-та година до овогодинешното е значително. Еден заклучок во однос на истражувањето е дека бројот на маркети во кои што потрошувачите пазарат е стабилизиран на 3, за разлика од претходната година каде имаше раст (од 2.7 на 3) што сугерира дека растот на еден маркет со најголема веројатност е стагнација или пад на друг. Тоа ќе предизвика идниот раст на “тврдите дисконти” да биде на сметка на другите ланци на маркети.

Кам Маркет е и во тековното истражување е маркетот каде што пазарат 68% од потрошувачите. Учеството кое што го има Кам Маркет, од првото истражување до денес е во рамките на 60% – 70% што јасно сугерира на високо пазарно учество и континуирано негово одржување и покрај зголемувањето на конкуренцијата и интензитетот на пазарот.


Напомена: прашањето е со повеќекратен избор, потрошувачите можат да изберат повеќе од 1 одговор со што вкупниот збир на одговорите надминува 100%.
Според податоците од 2017 до денес Стокомак го има најпрогресивниот раст од сите маркети кои што се анализирани и само во последната година има раст од приближно 7% во однос на 2021-та. Од 24.5% се искачува на 56% или анализирано од 2017-та до денес, Стокомак има двојно повисоко учество, а со тоа и потрошувачи. Значителното зголемување на малопродажната мрежа пратено од ниска ценовна политика, придонесе да Стокомак бележи многу брза пенетрација на пазарот и привлекување на голем број потрошувачи за краток рок и што е најважно да го одржи континуираниот раст веќе 6 години по ред. Третиот рангиран Тинекс има идентично учество како и претходната 2021-ва година со 31%. Исто како и Кам Маркет, Тинекс бележи континуитет во учеството од 2019 до денес, со варијација од 27% – 33%, за оваа година да биде токму на средина со 31%.
Во овогодинешното истражување повторно се мери и лојалноста на потрошувачите по маркет. Степенот на лојалност се калкулира врз основа на однесувањето на потрошувачите на ниво на ланец на маркети, без разлика на позицијата на маркетот во генералниот распоред. Процентот пресметуваа како сооднос помеѓу вкупниот број на лица кои пазарат во определен маркет и оние кои го преферираат, односно ја претставуваат лојалната група на потрошувачи. Ако во КАМ Маркет пазарат 68% од потрошувачите, од нив 45.8% се лојални на брендот. Калкулацијата е изработена со цел да се определи процентот од потрошувачите кои што маркетите можат да ги сметаат како лојални.

На првата позиција е Кам Маркет со раст на лојалноста од 41.5% на 45.8% или приближно секој втор потрошувач кој пазари во маркетот е лојален. На втората позиција како маркет со најголема лојалност на потрошувачи е позициониран Веро со 41.8% од потрошувачите. Бизнис концептот на единствениот хипермаркет во Македонија со исклучително високиот асортиман на производи, очекувано е да ги задржува најголем дел од потрошувачите како “лојални” особено оние кои преферираат пазарење на една локација на повеќе производи во различни категории и голем избор на производи. На третата позиција во истражувањето во тековната година е Стокомак со раст од 30.8% на 36.0% во последната година.

Просечната лојалност за сите маркети во Македонија, бележи намалување од 32% во 2021 на 28%. Истото посочува дека се помал број на потрошувачи за разлика од претходната година се лојални кон определен маркет туку го заменуваат доколку сметаат дека имаат подобра алтернатива. Лојалноста која ја имаат особено Кам Маркет и Веро е нависоко ниво, споредбено со сите останати на пазарот.

Во најновиот дел од истражување се анализира кој е најмодерен, најдобар сооднос цена-квалитет и најдобра локациска покриеност според потрошувачите. Потрошувачите одговараат според нивното размислување и перцепција, без разлика на тоа дали активно пазарат во посочениот маркет или не.

 

Според добиените податоци Веро е најмодерен маркет во Македонија според 30% од потрошувачите. Најдобар сооднос помеѓу цената и квалитетот на производите има Кам Маркет според 36% од потрошувачите и истиот маркет има најдобра локациска покриеност.
Како најголем новитет во тековното истражување е категоријата за е-продавница (маркет). Потрошувачите одговараат на прашањето “А10. Кој е според вас најпознатиот интернет маркет (без разлика дали активно купувате или не) во Македонија?”.

Како најпозната е-продавница според потрошувачите во Македонија е е-Tinex за 31% од потрошувачите, потоа Paket.mk за 22% и на третата позиција е Веро (verodrive.vero.com.mk) со 13%. Електронската трговија за производи за широка потрошувачка во Македонија сеуште е во зачеток, но позиционирањето кое го имаат маркетите особено на Тинекс може да придонесе за сериозни финансиски резултати во моментот кога финансиската големина на ваквата електронска трговија ќе биде значително повисока.

Со дополнителното зголемување на учествата за тврдите дисконти, и многу доминантната позиција, се очекува дека во следните години ќе се забележува стагнација во нивниот раст, со исклучок на Киппер кој значително го зголемува пазарното учество. Вкупниот збир на Стокомак, КАМ Маркет и Киппер надминува 145% што посочува дека сите потрошувачи пазарат минимум кај еден од нив а дел од нив и во двата паралелно. Неколку години се заклучува дека тврдите дисконти се веќе “нормалниот маркет” во кој се пазари, додека останатите концепти се конкурираат да го привлечат потрошувачот преку различни канали на промоција и понуда на поголем асортиман на производи. Тврдите дисконти со сигурност во следните години ќе почнат да стагнираат и ќе продолжат со проширување на асортиманот и да нудат повеќе производи или потрошувачко искуство кои претходно не биле својствени за ваквите концепти. Според агенцијата, со влезот на Лидл кој сеуште се очекува, просторот за проширување на тврдите дисконти ќе биде ограничено и преземањето на потрошувачите од едни кај други ќе биде уште попредизвикувачко. Промената на бизнис моделите пред се ќе треба да биде во задржување на мометалните клиенти многу повеќе отколку во привлекување на нови. На краток и среден рок (до 3 години) одржувањето на нивото на потрошувачи и висината на приходите ќе биде пресудно за одржување на компаниите на долг рок.