Осигурителниот сектор сеуште има голем потенцијал за раст имајќи ги во предвид бројот на различни осигурителни услуги и но и значителниот и континуиран раст кој е остварен од осигурителните компании во изминатата декада. Помеѓу компаниите пак, постои зголемување на интензитетот на конкурирање, бидејќи е забележливо дека дел од нив го имаат зголемено пазарното учество[1]. Информацијата неминовно укажува дека и покрај зголемувањето на бројот на корисници и пазарниот потенцијал, конкурирањето помеѓу компаниите се повеќе ќе доаѓа до израз како преку маркетинг и комуникациски канали така и преку пласман на нови продукти за осигурување. Размислувањето и однесувањето на клиентите (моментални и потенцијални) и нивното вклучување во стратегиското работење на компаниите ќе претставува предуслов за успешна комуникација и раст. Тоа е и целта на истражувањето, кое преку анализа на размислувањето на потрошувачите ќе се овозможи на осигурителните и пензиските друштва соодветно да го позиционираат својот маркетинг да даде оптимални резултати.

Извештајот од Инсајдер ИД претставува анализа на податоците од истражување во Март 2025-та година, со фокус на ставовите и однесувањето на потрошувачите во осигурителниот и пензискиот сектор во Северна Македонија. Истражувањето обработува повеќе аспекти, вклучувајќи свесност за брендови, користење на осигурителни и пензиски производи, фактори кои влијаат врз изборот на потрошувачите, како и главните пречки за нивно прифаќање.

Преглед на пазарот за осигурување

Краткиот преглед на податоците јавно објавените податоци[2], овозможува да се направи споредба помеѓу перцепцијата и препознавањето на брендовите од страна на потрошувачите со пазарното учество кое го имаат компаниите во вкупната бруто полисирана премија. Генерално е забележливо дека бруто полисираната премија има континуиран раст помеѓу првата и последната година, со исклучок на кризната 2020-та каде е забележливо намалување.

[1] Анализирано како учество во бруто полисирана премија

[2] Друштва за осигурување – Агенцијата за супервизија на осигурување

Вредност на бруто полисираната премија за 2024-та година изнесува приближно 13 милијарди денари или 211 милиони евра за неживот и 2.9 милијарди денари или 47 милиони евра, додека комбинирано (живот и неживот) за 2024-та година изнесува 259 милиони евра. Во истиот период остварениот вкупен раст[1] изнесува 49% за неживот или од 8.2 милијарди на 13 милијарди денари и 58% за живот од 1.6 милијарди на 2.9 милијарди денари. Пресметаниот CAGR[2] за изнесува 6.92% за неживот и 7.93% за живот што укажува на солиден годишен раст на индустријата.

[1] Вкупен раст – производ помеѓу последната и првата анализирана година во серијата

[2] Compound Annual Growth Rate (CAGR) е просечна стапка со која некоја вредност (приход, инвестиција или пазар) расте секоја година во определен временски период, претпоставувајќи стабилен раст.

Напомена: Податоците за Македонија Осигурување АД и Виена Иншуренс Груп се прикажани сумарно и за годините пред официјалното спојување во 2024-та за да се овозможи споредба на годините. Поради ниското учество (во 2024-та) осигурителната компанија “ЗОИЛ Македонија” не се прикажува.

Според јавно достапните податоци, компанија која има најголемо пазарно учество во бруто полисираната премија е Македонија Осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп со учество од 17.6%, следена од Триглав Осигурување со 12.4% и Уника и Еуролинк со по 11.4/5%. Според CAGR стапките, најголем раст имаат остварено Кроација Осигурување со вредност од 18.4% и Халк Осигурување и УНИКА АД со по приближно 10.5%.

Во сегментот на живот, компанија со најголемо пазарно учество е Кроација Осигурување со учество од 28.5%, по што следуваат Триглав, Винер Лајф и Граве со учества од приближно 20%. Од аспект на раст (CAGR) истиот е највисок кај Триглав со годишен просек од 13.6% и Уника Лајф АД од 12.3%. Тоа што е забележливо е дека и покрај податокот дека сите компании имаат раст, кај дел од нив како Граве и Кроација се забележува континуирано намалување на учеството, што укажува на зголемување на конкурирањето помеѓу компаниите.

Преглед на доброволни пензиски фондови

За разлика од секторот осигурување, има значително помал број на пензиски друштва преку кои што вработените имаат можност да уплатат во доброволен пензиски фонд. Моментално на Македонскиот пазар функционираат 4 пензиски друштва (доброволни пензиски фондови), односно КБ Пензиско, Сава Пензиско, Триглав Пензиско и последното ВФП Пензиско.

Како што е прикажано, бројот на лица кои што уплаќаат средства во доброволни пензиски фондови е значително понизок (споредбено со задолжителните) во споредба со задолжителното што посочува на значителен потенцијал за раст во иднина. Уште повеќе нивното учество се намалува од 2017 до 2024-та година од 15% до 10.08% (најмногу поради зголемување на учеството на задолжително распределено членство).

Според јавно достапните податоци[1], бројот на членови во доброволните пензиски фондови изнесува вкупно 33,572 во 2024-та година споредбено со 23,800 во 2017-та. Просечната стапка на раст (CAGR) на ниво на сектор, анализирано како членство во доброволни пензиски фондови изнесува 4.39%, каде за САВА Пензиско изнесува 5.81% и 2.78% за КБ Пензиско. ВФП и Триглав Пензиско започнуваат со работа (прво членство) во 2021-ва односно 2022-ра година. Најновите пензиски друштва (ВФП и Триглав) сеуште имаат ниско учество, но токму поради тоа може да се очекува поагресивен настап во следниот период, за привлекување на нови клиенти за инвестирање во нивните фондови. ВФП Пензиско од крајот на 2021-ва година до 2024-та има раст на членовите од 75 на 604 што укажува на значителни активности за зголемување на нивниот број.

Како и кај осигурувањето, пензиските друштва кои што имаат најсоодветен маркетинг и се препознаени како брендови помеѓу клиентите имаат и најголема веројатност дека ќе биде избрано од идните корисници. Бројот на членови иако бележи раст од 2017 до 2023, има значителен потенцијал во иднина. Во истражувањето се анализира поради кои причини клиентите не користат доброволно пензиско што овозможува креирање на соодветна стратегија за надминување на тие предизвици.

Цели на истражувањето и методологија

Една од клучните информации од теренското истражување од потрошувачи е дали нивното субјективно размислување за најпозната осигурителна компанија или пензиско друштво кореспондира со позициите според пазарни учества. Всушност, свесноста и препознавањето на брендовите е последица на маркетингот и комуникацијата, а повисоко препознавање укажува на потенцијална можност за зголемување на пазарното учество во иднина.

Главната цел на истражувањето е да се добие појасна слика за тоа како потрошувачите ги перципираат осигурителните компании и пензиските фондови, како ги избираат своите услуги и кои се клучните предизвици со кои се соочуваат.

Приказ 6 – цели на истражувањето

Цели на истражувањето за осигурителни компании и пензиски друштва
Анализа на свесноста за осигурителните компании и пензиските друштва Идентификација на факторите кои влијаат врз одлуките на потрошувачите Разбирање на причините за користење или некористење на осигурителни и пензиски услуги Преглед на нивоата на задоволство, позициите на брендовите на осигурителните компании Испитување на потенцијалот за понатамошен раст на пазарот.

Истражувањето е спроведено на примерок од 1,200 лица во Северна Македонија, користејќи квантитативни методи на собирање податоци. Резултатите се добиени преку анкети, кои вклучуваат структурирани прашања насочени кон добивање на детален увид во ставовите и навиките на потрошувачите.

Податоците се обработени и анализирани според возраст, пол, приходи и други релевантни демографски и социоекономски фактори, со цел да се идентификуваат можни трендови и разлики меѓу различните сегменти на пазарот.

За повеќе информации во однос на извештајот и истражувањето контактирајте го тимот на Инсајдер ИД на info@insider.mk или +389 71 210 471

[1] Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување